11/01/2024
Веројатно книгата во која најмногу се инспириравме од процесот: истражувањето, анализирањето на материјалите, самото дизајнирање и континуираната комуникација со луѓето кои ја создаваа монографијата. Тоа беше комплетно ново искуство за нас. Имавме неколкумесечно интензивно дружење со издавачот, авторките на текстот, уредничката, па дури и со главната јунакиња.
Во 2005 година, заедно со Шкарт студио од Белград, ја дизајниравме Монографијата на Милица Стојанова за издавачката куќа Темплум.
Повелeте цитат за дизајнот на монографија кој го напиша уредничката на книгата Искра Гешоска:
***
Графичкиот дизајн претпоставува многу нивоа на единство помеѓу содржината и формата. Особен предизвик е кога се има задача да се претстави животната приказнa на некој кој значи не само интимно туку, пред сè, го наоѓа своето место во поширокиот општествен и историски контекст. И воопшто – одговорноста да се претстави една личност во нејзиниот тоталитет преку фрагменти на текст и слика, најчесто во монографските изданија, е навистина голема.
Нужно е темелно проникнување на најскриените аспекти, интимни и професионални на таа личност. Во изработката на корицата, но и на материјалот кој требаше да се обработи во содржината помеѓу двете корици на монографијата посветена на Милица Стојанова, Небојша Гелевски – Бане заедно со Драган Протиќ од Белград, поминуваа вистински истражувачки процес на сето она што оваа актерка го искусила во приватниот и професионалниот свет. Се обидоа да откријат какви траги врз нејзината личност оставил животот. Одлуката беше дека корицата треба да биде парадигма на контрастот кој го има во нејзината личност: копнеж по нежно, меко, топло (велур) но и трага од сурово, сирово и грубо (картон). Воедно, одлучија нејзиниот лик само да се насетува, да биде сенка, бидејќи и нејзиниот живот е сенка составена од многуте ликови одиграни на сцената. И, се разбира, најголемата награда за дизајнерот е кога при еден ваков експеримент ќе добие потврда од препознавањето на оној на кој е посветено.
***